Јовески до Судски совет: Во кои предмети се одложувале судските рочишта и со какво образложение од обвинителите?

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски

Во писмено барање до Судскиот Совет, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски бара одговор на прашањата: во кои предмети биле одложувани судските рочишта повеќепати поради отсуство на јавен обвинител, на кои датуми биле закажани одложените рочишта во секој од предметите поединечно и со какво образложение го оправдале своето отсуство надлежните јавни обвинители?

Оваа реакција на обвинителот Јовески следува откако пред два дена на седница на ова тело беше разгледуван и усвоен извештајот од работната посета на Основниот кривичен суд Скопје, а во кој членовите на Советот констатираа дека меѓу другото имало одолговлекувања на судски постапки и поради отсуство на обвинители.

„Ваквата информација е неопходна итно, со цел да се овозможи законска обврска за надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција, согласно принципот на хиерархија и субординација во Јавното обвинителство“, наведува Јовески во писмото до Судскиот совет.

Видете и ова: Ковачевски ја поддржува оценувачката мисија на ЕУ за Судски совет

Меѓудругото, во писмото до Судскиот совет тој укажува дека ажурноста и ефикасноста се еден од основните критериуми за оценување на обвинителите, како и дека има опција да се поведе и дисциплинска постапка.

„Согласно Законот за јавно обвинителство, пак, на јавен обвинител може да му биде поведена постапка за сторена дисциплинска повреда доколку пропушта да се јави или неоправдано доцни на закажаните расправи или седници пред судот. Доколку јавниот обвинител без оправдани причини не постапува во предметите во пропишаните законски рокови поради што значително се одолговлекува постапката или настапила застареност на кривично гонење, тоа претставува основ за да биде поведена постапка за потешка дисциплинска повреда“, стои во писмото на Републичкиот јавен обвинител.

Јовески, воедно, од основните јавни обвинители на ОЈО ГОКК бара да одржат итни колегиуми на кои ќе се укаже на останатите јавни обвинители од соодветните јавни обвинителства оти повеќекратно отсуство од судски рочишта ќе биде основ за поведување на итни дисциплински постапки против оние за кои ќе се утврди дека неоправдано отсуствувале од рочиштата.