Нови напади со дронови во близина на Москва и нуклеарна централа

илустрација

Русија објави дека била цел на повеќе напади со беспилотни летала рано на 1 септември, вклучително и во близина на главниот град и нуклеарна централа, додека украинската војска соопшти дека нејзината контраофанзива продолжува на истокот и на југот на земјата.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин изјави дека руските системи за противвоздушна одбрана собориле беспилотно летало за кое тој тврди дека се приближувало кон градот.

„Дронот беше соборен во близина на Луберци, југоисточно од Москва“, напиша Собјанин на апликацијата за пораки Телеграм.

Според државната новинска агенција ТАСС, летовите беа накратко суспендирани на трите главни аеродроми во Москва Шереметјево, Домодедово и Внуково.

Последниве денови имаше повеќекратни прекини на полетувањата и слетувањата на московските аеродроми поради ризиците од беспилотните летала.

Видете и ова:

Зеленски - Украина разви оружје со долг дострел

На друго место, беше пријавен напад со беспилотно летало во Курчатов, седиште на нуклеарна централа во регионот Курск, рече регионалниот гувернер Роман Старовоит.

„Службите за итни случаи ја проценуваат штетата претрпена на една административна и една станбена зграда во нападот“, напиша тој на апликацијата за пораки Телеграм.

Старовоит не спомна каква било потенцијална штета на нуклеарната централа Курск, ниту пак даде детали за целните згради.

Претходно, локалниот гувернер на западниот регион Псков изјави дека руската воздушна одбрана „неутрализирала неидентификуван објект“ таму.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 31 август изјави дека Украина развила оружје што погодила цел оддалечена 700 километри, очигледно повикувајќи се на нападот на аеродромот во Псков.

Зеленски на својот канал Телеграм рече дека оружјето е произведено од Министерството за стратешки индустрии на Украина, но не даде други детали.

Во меѓувреме, Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека во изминатите 24 часа се случиле повеќе од 25 борбени судири на линијата на фронтот.