Бунтовничките офицери во Габон во среда на 30 август објавија дека ја презеле власта по, како што ги нарекоа, спорните избори на кои претседателот Али Бонго Ондимба, чие семејство владее со државата богата со нафта повеќе од 55 години, беше прогласен за победник.
Преземањето на власта од бунтовниците предизвика осуда од Африканската унија (АУ) и тревога од Нигерија поради „заразната автократија“ на континентот каде војската ја презеде власта во пет други земји од 2020 година.
Претседателот на Габон, 64 годишниот Али Бонго Ондимба кој ја презеде функцијата од неговиот татко Омар во 2009 година, беше ставен во домашен притвор, а еден од неговите синови уапсен за предавство. Ова го соопштија бунтовниците кои ја прездоа власта јавува новинската агенција Франс прес.
Во обраќањето пред зори на државната телевизија, група офицери прогласија дека „сите институции на Републиката“ се распуштени, изборните резултати се поништени и границите се затворени.
„Денес земјата минува низ сериозна институционална, политичка, економска и социјална криза“, се вели во соопштението прочитано на државната телевизија.
Соопштението го прочита офицер придружуван од група од десетина армиски полковници, членови на елитната Републиканска гарда, редовни војници и други.
Видете и ова: Африканската унија го суспендираше Нигер„Неодговорното и непредвидливо владеење, резултира со континуирано влошување на социјалната кохезија, со ризик да се води земјата во хаос. Ние, Комитетот за транзиција и обнова на институциите (КТРИ) во име на народот на Габон и како гаранти на заштитата на институциите -- одлучивме да го браниме мирот ставајќи крај на сегашниот режим“, се вели во соопштението.
Подоцна ТВ снимките го покажаа шефот на Републиканската гарда, генерал Брис Олигуи Нгуема, како триумфално го носат стотици војници на извици „претседател на Олигуи“.
Синот на Бонго и блискиот советник, Нуредин Бонго Валентин, неговиот началник на кабинетот Иан Гислаин Нгулу, како и неговиот заменик, уште двајца претседателски советници и двајцата највисоки функционери во владејачката Габонска Демократска партија (ПДГ) „се уапсени“, изјави воениот водач.
Тој додаде дека тие се обвинети за предавство, проневера, корупција и фалсификување на потписот на претседателот.
Бонго првпат беше избран во 2009 година по смртта на неговиот татко Омар, кој владееше со земјата 41 година, наводно натрупајќи богатство на пат. Објавата за пуч дојде само неколку моменти откако националната изборна власт објави дека Бонго освоил трет мандат на изборите во саботата со 64,27 отсто од гласовите.
Главната опозиција во Габон, предводена од универзитетскиот професор Алберт Ондо Оса, гневно го обвини Бонго за „измама“ и бараше тој да ја предаде власта „без крвопролевање“.
Изборите во Габон во 2016 година беа обележани со смртоносно насилство откако Бонго го победи противкандидатот Жан Пинг со само 5.500 гласови, според официјалните податоци.
Централноафриканската држава со 2,3 милиони жители е управувана од семејството Бонго повеќе од 55 од нејзините 63 години од независноста од Франција во 1960 година.
Русија во својата реакција наведе дека е „длабоко загрижена“ поради ситуацијата, додека Кина ги повика „сите страни“ во Габон да ја гарантираат безбедноста на Бонго, „да ги решат разликите преку дијалог и да го вратат нормалниот поредок што е можно поскоро.