Рускиот државјанин Евгениј Иржански за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека на 28 август му бил укинат привремениот престој во Србија.
Иржански пристигна во Србија во април 2022 година, два месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, а во Белград се занимава со организирање концерти на руски музичари.
Тој за РСЕ вели дека неговата работа, како и неговите ставови за инвазијата на Украина, веројатно се причините поради кои властите во Србија не го одобрија неговиот престој.
„Повеќето од руските музичари чии настапи ги организирам се на црната листа во Русија и повеќето од нив живеат надвор од Русија бидејќи, доколку се појават таму, веројатно би биле затворени поради нивните ставови за војната и за Путин. И моите ставови за ова се јасни, јас сум против политиката на Путин во Русија и надвор од Русија“, рече Иржански.
Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција не одговорија на прашањето на РСЕ за причините за одбивањето на Иржански за привремен престој во Србија.
Видете и ова:
Србија го одби привремениот престој на антивоен руски активистВо решението што му е врачено, според Иржански, полицијата се повикува на оценките на Безбедносно-информативната агенција „дека има безбедносни пречки за неговиот престој во Србија“.
Во одлуката се наведува дека Иржански мора да ја напушти Србија во рок од седум дена.
Нему му е изречена и една година забрана за влез во земјава, а укината му е и дозволата за престој на неговата сопруга.
Евхениј Иржански е третиот државјанин на Русија кој се противи на војната во Украина, а против кого властите во Србија преземаат мерки за забрана од јули 2022 година.
На 13 јули, антивоениот активист и основач на невладиното Руско демократско општество во Србија, Петер Никитин, помина повеќе од еден ден на белградскиот аеродром поради забрана за влез.
Неколку дена подоцна, на 25 јули, друг антивоен активист и основач на истата организација, Владимир Волохонски, доби известување дека му е одбиена дозволата за привремен престој во Србија.
Мерките против членовите на оваа организација дојдоа откако Соединетите Држави на 11 јули воведоа санкции против директорот на БИА, Александар Вулин. Како една од причините за санкциите, покрај наводите за вмешаност во корупција и трговија со дрога, САД ги наведоа и врските на Вулин со Русија.