Жоли: Канада верува дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ

Министрите за надворешни работи на Канада и Северна Македонија, Мелани Жоли и Бујар Османи во Скопје, 30 август 2023 година

„Цврсто веруваме дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и можете да сметате на нашата поддршка“, порача канадската министерка Мелани Жоли која престојува во официјална посета на Скопје.

„Можете да сметате на нашата поддршка. Би сакала да ве охрабрам да ги продолжите вашите напори да пристапите кон ЕУ и Северна Македонија е одлучна и способна, затоа што знаеме дека ниедна земја не може да направи толку многу сама, колку што може да направи заедно со другите“, рече Жоли на прес конференцијата со нејзиниот колега, министерот Бујар Османи.

Таа додаде дека Канада и Северна Македонија се силни поддржувачи, пријатели и сојузници на Украина, при што врвен приоритет останува војната во оваа земја и додаде дека нејзнината посета доаѓа во клучен момент.

„Гледаме закани од авторитарни власти. Информациите кои се користат како оружје, Канада сака да го спречи ваквиот тип на војување кој Путин го води против Украина“, рече Жоли.

Видете и ова: Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?

На прашањето кога Канада ќе воспостави безвизен режим за македонските граѓани во Канада, Жоли немаше конкретен одговор.

„Сега сме стратешки партнери, со тоа што овозможуваме поблиска соработка и можеме да најдеме различни решенија за различни прашања. Затоа сум тука за да ги унапредиме односите меѓу Канада и Северна Македонија“, рече Жоли.

Министерот Османи посочи дека Канада силно ја поддржува нашата европска перспектива и останува на ставот дека силните политички релации меѓу земјите треба да бидат проследени со зајакнување на економската соработка и бизнис релациите. Тој рече дека двете земји делат исти вредности, додавајќи дека Канада дава поддршка и во однос на предизвиците и активностите на нашето претседавање со ОБСЕ, а врвен приоритет, како што рече, останува Украина.