Германија уапси лице за нелегален извоз на електронски компоненти за дронови во Русија

Руски дрон Орлан 10.

Германско-руски државјанин е уапсен во Германија под обвинение дека го прекршил законот за надворешна трговија на земјата бидејќи извозувал електронски компоненти во фирма во Русија која произведува воени материјали и додатоци, објави денеска германското федерално обвинителство.

Осомничениот бил уапсен во март. Меѓутоа, во понеделникот налогот за апсење издаден од локалниот суд во Манхајм беше заменет со налогот за апсење на истражниот судија на Федералниот врховен суд.

Федералното обвинителство соопшти дека осомничениот е директор на две компании што ги основал во западната германска покраина Сар за меѓународна трговија со електронски компоненти.

Од јануари 2020 година до март 2023 година, тој извезувал електронски компоненти во 26 наврати во компанија во Русија чие производство го вклучува дронот Орлан 10 што моментално го користат руските сили во војната во Украина.

Видете и ова:

Русија и Украина меѓусебно се напаѓаат со дронови

Компонентите доставени од осомничениот се вообичаени компоненти на овој тип на беспилотни летала и се опфатени со Регулативата на Европската унија за ембаргото против Русија, се вели во соопштението на обвинителството.

За да ги заобиколи санкциите на ЕУ, осомничениот прво ја увезувал предметната стока од странство во Германија, а потоа ја извезувал во Русија, делумно преку неговата втора компанија во провинцијата Баден-Виртемберг, во западна Германија.

Производите првично беа наменети за две фиктивни компании со седиште во Русија. Во консултација со него, овие компании се погрижиле стоката да биде проследена до воениот производител.

По почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, осомничениот почнал да транспортира стока во Русија преку Дубаи и Литванија и со помош на примачи во трети земји.

Вкупната вредност на нелегално извезените компоненти е околу 715.000 евра.