Пожарот над Ајватовци е надвор од контрола. Зафатена е поголема површина од најмалку 30-тина хектари од кои поголемиот дел е зимзелена шума, соопшти вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
„Постои опасност од ветерот пожарот да се прошири кон селото Ајватовци и сега силите на Противпожарната бригада на град Скопје ќе се фокусираат да го запрат огнот да се движи кон селото“, изјави Ангелов.
Пожар кај селото Ајватовци, општина Илинден, Скопје - 26 август 2023
Тој нагласи дека пожарот е веќе излезен од атарот на скопското село Ајватовци и додаде дека е изгорени и Ајватовски рид.
Ангелов најави дека уште од рано наутро двата полициски хеликоптера ќе почнат да дејствуваат на пожарот, а нешто подоцна ќе им се приклучат и двата авиони ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Во овој момент ќе се обидеме да направиме уште нешто за локализирање на пожарот во текот на ноќта“, потенцира Ангелов.