Околу сто илјади луѓе евакуирани во Пакистан поради поплави

Околу 100.000 луѓе се евакуирани од поплавените села во пакистанската провинција Пенџаб, соопштија во средата службите за итни случаи. Неколку стотици села и илјадници хектари земјоделско земјиште во централната провинција беа поплавени кога реката Сутлеј се излеа од коритото во неделата.

Службите за итни случаи работеа на евакуација на жителите и добитокот на повисоките места.

„Спасивме 100.000 луѓе и ги префрливме на побезбедни места“, изјави за AFP Фарук Ахмад, портпарол на службите за итни случаи во Пенџаб.

Видете и ова: Шефот на ОН повика на „огромни инвестиции“ за закрепнување на Пакистан


Шефот на владата на Пенџаб, Мохсин Накви, рече дека монсунските дождови ги натерале властите во Индија да испуштат вишок вода од резервоарот во реката Сутлеј, предизвикувајќи поплави низводно на пакистанската страна на границата.

Официјалните лица од индиската страна не можеа веднаш да бидат контактирани за коментар.

Агенцијата за управување со катастрофи во Пенџаб предупреди дека прогнозираните монсунски дождови може да ги влошат поплавите во наредните денови.

Пакистан сè уште се бори да се опорави од разорните поплави што поплавија речиси една третина од земјата во 2022 година, погодувајќи повеќе од 33 милиони луѓе.