Бреговиќ непожелен во Молдавија поради „проруски ставови“

Илустрација - Горан Бреговиќ покажува на исписот со неговото име на еден од авионите на Ер Србија, на белградскиот аеродром, март 2017

Властите во Молдавија му забранија влез на Горан Бреговиќ, музичар и поранешен фронтмен на популарната југословенска рок група „Бијело дугме“, поради неговите проруски ставови и поддршката за руската анексија на Крим. Тој украински полуостров беше незаконски присвоен од Русија во 2014 година.

Ова за локалните медиуми го потврди молдавскиот министер за внатрешни работи Адријан Ефрос, откако бендот Бреговиќ беше вратен од молдавската граница, објави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Познатиот музичар требаше да настапи во недела на 20 август на музичкиот фестивал Густар во Стари Орхеј. Неговиот бенд бил вратен од границата на аеродромот во Кишињев, главниот град на Молдавија, ден претходно, а Бреговиќ не ни тргнал на пат потоа.

Видете и ова:

Четириесет и пет членови на руската амбасада ја напуштаат Молдавија


Забраната за влез на Бреговиќ ја осуди министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој побара објаснување од Министерството за надворешни работи на Молдавија.

Министерот за внатрешни работи на Молдавија на 21 август им изјави на новинарите дека на Бреговиќ му е забранет влезот во Молдавија поради неговите проруски ставови и поддршката за руската анексија на Крим.

Министерот Адриан Ефрос рече и дека „во рамките на безбедносните структури биле анализирани и други причини“, кога било одлучено да не се дозволи влез на изведувачот во Молдавија, но не даде повеќе детали за тоа.