Поранешниот австриски канцелар Курц обвинет за лажна изјава

Себастијан Курц, поранешен австриски канцелар

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц е обвинет за лажно сведочење пред парламентот, објави во петокот, 18 август, австриското обвинителство за економски криминал и корупција.

Конзервативен политичар и неговиот поранешен шеф на кабинет, Бернхард Бонели, се обвинети за давање лажно сведочење пред истражниот комитет во австрискиот парламент во врска со наводите за корупција“, се вели во соопштението.

Курц претходно ги негираше обвинувањата, објавувајќи на платформата Х, порано позната како Твитер, дека со нетрпение очекува „конечно да излезе вистината“.

Видете и ова:

Австрискиот канцелар Курц поднесе оставка поради кривична истрага

Курц ја напушти функцијата во 2021 година, откако обвинителите покренаа истрага против него и деветмина други под сомнение за корупција и поткуп.

Неговото судење ќе започне на 18 октомври, а доколку биде прогласен за виновен, може да биде осуден на три години затвор, соопшти судот во Виена.

Тој и неговите блиски соработници се обвинети дека со државни пари се обиделе да го обезбедат неговото доаѓање на чело на партијата, а потоа и на владата, со тоа што со државни пари плаќале истражувања на јавното мислење и медиумски извештаи поволни за него.

Курц, кој ги отфрла обвинувањата, стана канцелар во 2017 година. Откако ја напушти функцијата, тој работи како глобален стратег за технолошкиот инвеститор Thiel Capital.