Ахмети-Косовскиот министер Алиу дојде во седиштето на ДУИ по барање на Курти

Лидерот на владејачката партија ДУИ - Али Ахмети, архивска фотографија

Лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети денеска се сретна со косовскиот министер за транспорт Алиу во партиското седиште во Тетово. Ахмети изјави министерот Либан Алиу е дојден во земјава на средба со него по барање на косовскиот премиер Албин Курти, кој во на 13 август беше во посета на Тетово и Скопје на средба со опозициските лидери од албанскиот политички блок.

Целта на средбата како што вели Ахмети бил разговор за реализација на проектот патно поврзување меѓу Призрен и Тетово, кој е во интерес на двете земји.

„Министерот Алиу е дојден по барање на косовскиот премиер Курти, со најдобра цел за продолжување на комуникацијата и соработката како што впрочем било и во минатото, со интерес за двете наши земји“ изјави Ахмети.

На оваа прес конференција Ахмети не одговараше на новинарски прашања.

Видете и ова: По посетата на Курти: Реакции, обвинувања и осуди

Косовскиот министер Алиу изјави дека веќе е изготвена физибилити студија за изградба на пат од Призрен до Тетово и дека сега проектот е во фаза на финансиски преговори.

„Ние сме во фаза на постигнување на финансиски договор за проектирање на заедничкиот тунел меѓу двете земји и потоа да пристапиме кон целосна реализација на проектот. Овој проект освен што ќе ги спојува Призрен и Тетово ги поврзува националните паркови на Шара од двете страни на границата“, изјави Алиу.

Тој додаде дека овој проект ќе овозможи пат за заедничко менаџирање на националниот парк Шар Планина кој што ќе овозможи отворање на нови работни места и економски развој.

Видете и ова: МВР поднесе прекршочни пријави против Касами и Ганиу

Оваа посета доаѓа на само неколку дена по посетата на косовскиот премиер Курти на Тетово на 13 август при која што не се сретна со ниту еден претставник на владејачките партии. Настанот поврзан со неговата посета предизвика остри реакции во јавноста. По концертот, тетовскиот градоначалник на Фејсбук објави фотографии со развеано знаме со картата на т.н. Голема Албанија, а во општина Чаир улицата Втора македонска ударна бригада беше преименувана во Адем Демачи. По ова следуваа бројни реакции, осуди, барања да се казнат организаторите и објаснувања.

Неговите домаќини градоначалниците на Тетово и Чаир Биљал Касами и Висар Ганиу вчера добија прекршочни пријави од Министерството за внатрешни работи, затоа што при посетата на Курти не била интонирана македонската химна, нити пак било кренато македонското знаме.