Паради, рубљи и крлежи

ПОЛСКА - Најголемата полска воена парада од Студената војна се одржа во вторникот во Варшава, додека земјата-членка на НАТО ги истакнува своите воени капациети во она што владата се надева дека ќе биде и порака до Москва и до гласачите пред изборите во октомври.

МАЛИ - Воениот водач на Мали, Асими Гоита, на 15 август изјави дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за состојбата во Нигер, каде хунтата ја презеде власта со државен удар минатиот месец, пренесува новинската агенција Ројтерс.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Прекршочни пријави против општините Тетово и Чаир и нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу поднесе министерството за внатрешни работи поради неинтонирање на државната химна и непоставување на државното знаме при посетата на косовскиот премиер Албин Курти во земјава минатиот петок.

КОСОВО - Претседателката на Косово, Вјоса Османи вели дека реакциите во Северна Македонија за посетата на премиерот Албин Курти, минатиот петок, се последица на недоразбирања, за кои изрази уверување дека двете соседни држави бргу ќе ги надминат.

МАКЕДОНИЈА - Нема место за паника, бидејќи ситуацијата е комплетно под контрола, изјави претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, Александар Петличковски, откако во земјата за две недели беа регистрирани тројца заразени од конго-кримска хеморагична треска.

МАКЕДОНИЈА - Одговорност за виновниците кои ги амнестираат одговорните за пожарот во модуларната болница во Тетово, побара на 15 август поранешниот министер за здравство Беким Сали по емитувањето на документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

САД - Покрената е четврта кривична пријава против поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Големата порота во американската сојузна држава Џорџија го прифати обвинението против Трамп за обид за поништување на волјата на граѓаните со која тој во оваа држава загуба од демократот Џо Бајден на изборите во 2020 година.

ЈАПОНИЈА - Силна тропска бура ја зафати централна и западна Јапонија со силен дожд и силни ветрови на 15 август. Невремето предизвика поплави и прекин на електричната енергија и парализирање на воздушниот и копнениот транспорт. Ова се случи во период кога многу луѓе патуваат за будистичка празнична недела.

РУСИЈА - Најмалку 30 луѓе загинаа во силна експлозија на бензинска пумпа, вечерта на 14 август, во рускиот град Махачкала во рускиот регион Дагестан.
Министерството за здравство на Дагестан соопшти дека во експлозијата загинале најмалку две деца, а повредени се уште најмалку 50 лица. Нема информации за причината за експлозијата.

РУСИЈА - Година ипол од започнувањето на инвазијата врз Украина, руската влада се соочува со значителни економски предизвици, при што вредноста на националната валута, рубљата, паѓа на светските пазари.