Агелер на средба со Пендаровски за евроинтеграциите

Средба на претседателот Стево Пендаровски со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Прајс Агелер

Македонско- американските односи се одвиваат со одлична динамика, во духот на стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО. Ова е посочено на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Прајс Агелер, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

По средбата амбасадорката Агелер на социјанната платформа Х напиша дека средбата со Пендаровски била продуктивна .

„Продуктивна средба со претседателот Пендаровски и голема дискусија за актуелните прашања, вклучувајќи ги уставните промени, антикорупциските напори и регионалната соработка. Ја потврдивме нашата непоколеблива поддршка за Северна Македонија во нејзините аспирации за влез во ЕУ“, се вели во постот на Агелер.

Пендаровски и Агелер разговарале и за одвивањето на евроинтегративниот процес, како и за следните чекори кои треба да бидат преземени во таа насока. Дополнително тема на дискусија била и состојбата во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина.

„Претседателот Пендаровски истакнувајќи дека нашата држава придава особено значење во развојот на односите со САД, изрази уверување дека американската поддршка ќе продолжи и во периодот што претстои, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан“, се наведува во соопштението.

Видете и ова:

Агелер: Лажна вест е дека може да се смени преговарачката рамка со ЕУ усвоена лани

Еден ден претходно Агелер во интервју за Канал 5 ја претстави позицијата на Вашингтон околу преговорите на Македонија со Европската унија (ЕУ), потенцирајќи дека е „лажна вест“ оти може да се смени преговарачката рамка усвоена лани летото.

Таа нагласи и дека „обврските мора да се исполнуваат“.

Агелер во интервјуто не сакаше директно да ја коментира најавата на опозицијата дека нема да гласа за уставните измени но додаде дека се надева „ дека пратениците, лидерите и членовите на сите политички партии повторно ќе го препознаат овој клучен момент за земјата и ќе донесат одлуки кои се за доброто на граѓаните, а не во интерес на нивните политички или лични аспирации“.

Основен услов за продолжување на преговорите со ЕУ, односно за закажување на Втората меѓувладина конференција со цел отворање на кластерите од преговорите е измена на македонскиот Устав со цел вметнување на Бугарите во Преамбулата.

Пленарната седница на која главна тема ќе бидат уставните измени е закажана за 18 август. Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот.