ЕУ нуди 400 милиони евра за помош на Словенија поради поплавите

Урсула фон дер Лајен во посета на поплавените подрачја во Словенија, 9 август 2023

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во средата 9 август 2023, понуди 400 милиони евра од солидарниот фонд на блокот како дел од пакетот помош за поплавената Словенија. Таа јасно стави до знаење дека, според неа, климатските промени одиграа улога во катастрофата.

Четворица Словенци и двајца холандски туристи загинаа во минатонеделните поплави, кои поплавија и десетици илјади куќи.

Видете и ова: Сто македонски војници ќе заминат на помош во Словенија

„Ќе ставиме на располагање 400 милиони евра, од кои 100 милиони оваа година и 300 милиони следната година од солидарниот фонд. Беше потресно да се види пустошот предизвикан од дождовите, поплавите и одроните“, изјави фон дер Лајен за новинарите по посетата на погодените области во Словенија.

Словенија, исто така, може да побара 2,7 милијарди евра од фондот „Следна генерација“ на ЕУ, додаде фон дер Лајен.