Одбележани 22 години од убиството на бранителите кај Карпалак

Карпалак, положување на цвеќе

Со положување цвеќе и панихида пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје, им беше оддадена почит на десетте загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

Присутните претставници на бранителите повторија дека 22 години безуспешно бараат да има подостојно спомен обележје на ова место.

„За жал како што го оставивме пред 22 години ова место и денес го наоѓаме така. Се поклонуваме на нешто што го нема. Една плоча, да ја наречам, нешто најобично кое не доликува на местото и настанот кој овде се случи. Баравме, бараме и дури сме уште ќе бараме да се направи едно спомен обележје, да се знае дека овие луѓе погинаа за државата не погинале за некој личен интерес. Друго учесниците од 2001 година се маргинализирани. Никој во државава наша не нè признава. Немаме никакви права. Тоа е нешто катастрофа, како ние да бевме тие кои се бореа против Република Македонија, не тие кои ја бранеле нашата држава“, изјави Јордан Трајковски од Здружението на резервни воени обврзници од Прилеп.

Карпалак, положување на цвеќе


Почит на бранителите им оддадоа министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници на Владата, кабинетот на Претседателот, Општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.

На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав.