Адвокатите на поранешниот пакистански премиер Имран Кан рекоа дека не можеле да стапат во контакт со Кан откако претходниот ден бил приведен од неговиот дом во Лахоре.
Кан беше одведен во затвор во близина на Исламабад, откако судот го прогласи за виновен за корупција и го осуди на три години затвор.
Партијата на Кан Техрик-е Инсаф (ПТИ) соопшти дека поднела жалба на судската одлука.
Соборениот пакистански премиер на 5 август беше осуден на три години затвор за незаконска продажба на владини подароци за време на неговиот мандат како премиер 2018-2022 година. Тој беше веднаш уапсен во Лахоре.
Правните експерти велат дека пресудата за вина во случајот може да стави крај на неговите шанси за учество на националните избори кои мора да се одржат пред почетокот на ноември, пренесува Ројтерс.
Кан негираше дека сторил нешто лошо.
Видете и ова: Поранешниот пакистански премиер Кан осуден на три години затвор и уапсенСедумдесетгодишниот поранешен играч на крикет, кој стана политичар е обвинет за злоупотреба на премиерската функција за купување и продавање на државни подароци добиени за време на странски посети во вредност од повеќе од 140 милиони пакистански рупии (635 000 долари).
По пресудата, судијата нареди негово итно апсење, а неговиот адвокат Интазар Хусаин за Ројтерс изјави дека поранешниот премиер бил приведен од неговиот дом во Лахоре.
Премиерот беше уапсен на почетокот на мај годинава, многу драматично и без никакво претходно објаснување. Против него се поднесени најмалку 100 кривични предмети од државни служби, но тој ги негира сите.
Апсењето предизвика протести низ целата земја за време на кои неговите поддржувачи нападнаа воени објекти, запалија автомобили и продавници во различни делови на земјата. Владата одговори со акција, апсејќи речиси 3 000 луѓе.
Премиерот беше разрешен кога му беше изгласана недоверба во април 2022 година. Тој е седмиот премиер кој е уапсен од 1977 година.
Пакистан има историја на воени преземања, политички превирања и социјални немири. Сегашните превирања доаѓаат во време кога земјата се бори со тешка економска ситуација, пораст на милитаризмот и влијанието на минатогодишните катастрофални поплави.