Белоруси и Руси прогласени за закана по националната безбедност во Литванија

илустрација, знамето на Литванија

Литванија прогласи повеќе од илјада граѓани на Русија и Белорусија кои живеат во земјата за опасни по националната безбедност. Таа соопшти дека им ги одзема дозволите за постојан престој.

Одделот за миграција соопшти дека утврдил дека 1 164 белоруски и руски државјани кои живеат во Литванија претставуваат закана за националната безбедност. Од нив 910 се Белоруси, а 254 Руси.

Одлуката доаѓа откако владата побара од Русите и Белорусите да одговорат на прашалникот кој вклучуваше прашања за нивните ставови за руската инвазија на Украина и статусот на Крим, украинската територија која Русија незаконски ја анектираше во 2014 година.

Видете и ова: Литванија повикува дополнителни сили на НАТО на границата

Литванија, балтичка нација која ја прогласи својата независност од Советскиот Сојуз пред повеќе од 30 години, е демократија која припаѓа на НАТО и на Европската Унија.

Таа беше силен поддржувач на Украина, а исто така и место за засолниште во последниве години за многумина кои избегаа од авторитарната акција во соседна Белорусија и зголемената репресија во Русија.