Косовската полиција соопшти дека безбедносната состојба на северот е добра и дека во петок ќе започне втората фаза на повлекување на полицијата од и околу општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток. Оваа оценка е направена во соработка со Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС) и мисијата на НАТО на Косово (КФОР) како дел од договорот за деескалација на ситуацијата на северот.
Договорот беше постигнат на 10 јуни од специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак и вицепремиерот на Косово Бесник Бислими.
„Според заедничката проценка на косовската полиција, Еулекс и Кфор, безбедносната состојба во и околу објектите на општините на север е добра“, се наведува во соопштението и се додава дека уште 25 отсто од полицијата ќе почнат да се повлекуваат од петок.
Видете и ова: Кој ги контролира џамиите со „самопрогласени имами“ во Косово?Косово претходно повлече 25 отсто од специјалните сили во и околу општините на северот, како што е предвидено во договорот за деескалација.
Тензиите на северот на Косово се кренаа на крајот на мај кога градоначалниците со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
Србите, кои го сочинуваат мнозинството од населението на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.