Грција е целосно безбедна земја за посетителите, нашиот план за туризмот се спроведува нормално, порача портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за последиците што би можеле пожарите во земјата да ги имаат врз туризмот, но и за пораката што ја испраќаат до туристите кои се двоумат или се плашат да го поминат одморот во Грција.
Маринакис објасни дека во сите медитерански земји, не само во Грција „живееме нова реалност“ со многу пожари. Тој истакна дека пет дена по ред во земјата постоела екстремна опасност од пожари нешто што се случува првпат во изминатите најмалку 15 години, но и дека за 15 дена имало 660 пожари, посочувајќи дека „тоа е реалноста“.
Видете и ова: Пожарите во Грција стигнаа и до Олимпија„Но, другата реалност е дека Грција е апсолутно безбедна земја. На Родос, државниот механизам во соработка со армијата, безбедносните сили, волонтерите, помошта на жителите, успеа да заврши огромна, многу тешка операција за евакуација со апсолутна безбедност за животот и здравјето на посетителите, но и жителите на Родос. Грција е тука, безбедна е“, одговори Маринакис.
Посочи дека нивниот план за туризам, низ цела Грција се одвива нормално, островите се полни, како и останатите региони во земјата кои „продолжуваат да пречекуваат посетители од целиот свет“.