Руската комесарка за права на децата Марија Лвова-Белова изјави дека повеќе од 700 000 украински деца биле однесени од Украина во Русија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година.
Во извештајот објавен на 30 јули, Лвова-Белова вели дека огромното мнозинство од овие деца дошле во Русија во придружба на нивните родители и роднини, пренесува Current Time, ТВ канал на Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.
На 17 март, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Лвова-Белова.
Тие се обвинети дека се одговорни за депортацијата на украинските деца во Русија, што според меѓународното право се смета за воено злосторство.
Видете и ова:
Незаконски трансфер: одземените украински деца во рускиот систем на посвојувањеСпоред официјалните податоци на украинските власти на 31 јули 2023 година, 19 546 деца биле депортирани од Украина во Русија од 24 февруари 2022 година. Ова се само случаи кои се официјално евидентирани, кога родител, старател или сведок на депортацијата на детето пријавил во Државниот информативен завод на Украина.
Украинските активисти за човекови права инсистираат на тоа дека има „стотици илјади“ деца насилно раселени од Украина. Повеќето од нив се земени од регионите на Мариупол, Керсон, Харков и Киев.
Руските власти користеа околу 100 институции за сместување на деца од Украина. Сиропиталиштата и интернати во многу руски региони се преполни. Затоа депортираните деца се трудат што побрзо да бидат сместени во семејства.
Барањата на органите за старателство за потенцијалните посвоители станаа поблаги. Ова се објаснува со фактот дека постапката за признавање на украинските деца како „оставени без родителска грижа“ е крајно поедноставена, а потрагата по деца во Русија е исклучително тешка за нивните родители и старатели. Во Украина досега се вратени само 386 деца.