Германски екстремисти во Украина се борат за Русија

Странски борец се бори на страната на Украина во регионот Киев, август 2022 година.

Десетици екстремисти од Германија отпатувале во воената зона од почетокот на руската инвазија на Украина, соопшти германското МВР во одговор на прашање на весникот „Ди Велт“.

Во извештајот на неделното издание на весникот, до кој германската агенција ДПА имаше пристап, се цитира Министерството дека безбедносните власти на Германија регистрирале заминување на 61 лице „кои се поврзани со екстремизам или политички мотивиран криминал“.

Видете и ова: Бразил го отфрли барањето на САД за екстрадиција на наводниот руски шпион Черкасов

Во случајот со 39 лица има реални индиции дека тие ја напуштиле земјата „со намера да учествуваат во конфликтот“. Од нив, 27 биле проруски, а 12 про-украински.

Во случајот со поголемиот дел од оваа група, властите имаа конкретни информации дека тие учествувале во конфликтот. Станува збор за десни и леви екстремисти.

Сепак, властите го класифицираат мнозинството како членови на феноменот „странска идеологија“. Дефинирање на конкретни групи не е можно поради недостаток на податоци, велат од германското министерство.

Генерално, учеството во борбени операции во Украина не е казниво, изјави за „Ди Велт“ портпаролката на Министерството за правда. Учеството во конфликтот не е казниво „додека тие не дејствуваат како платеници, туку како членови на редовни вооружени сили или еквивалентни волонтерски корпуси“.

Видете и ова: Поголемиот дел од Украина под воздушна тревога, тешки борби на истокот и југот

Но, тоа не ги штити од истраги за можни воени злосторства. Според извештајот, главниот сојузен државен обвинител не коментирал дали се водат соодветни правни процеси против борците кои заминале од Германија на боиштето во Украина.