По налог на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) по Миленко Живановиќ е распишана меѓународна потерница. Живановиќ се наоѓа на територијата на Србија.
Живановиќ е поранешен командант на Дринскиот корпус на Војската на Република Српска (ВРС), кој беше обвинет за злосторства против човештвото извршени во областа на Сребреница и Жепа во јули 1995 година.
Обвинителството на Босна и Херцеговина побара определување мерка притвор и распишување меѓународна потерница за Живановиќ, бидејќи тој три пати не се појавил во судницата да ја признае вината.
Адвокатот на Живановиќ, Петко Павловиќ, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека ја обжалил одлуката на Судот на Босна и Херцеговина, но жалбата била одбиена. Според него, не се исполнети условите за определување мерка притвор.
„Тие повици не ги добивал редовно и затоа не одговарал на судот“, рече Павловиќ и додаде дека Живановиќ не е во БиХ.
Видете и ова: Хашки суд осуди екс шефови на српската безбедносна служба по 12 години затворВо септември минатата година, Судот на Босна и Херцеговина соопшти дека Живановиќ е во Србија, а поканата му била испратена преку Министерството за правда на Босна и Херцеговина, кое делува како врска за давање меѓународна правна помош во постапките пред судовите во Босна и Херцеговина.
Министерот за правда Јосип Грубеша тогаш за Радио Слободна Европа изјави дека „на почетокот на септември, надлежните органи на Република Србија го информирале Министерството за правда на Босна и Херцеговина дека поканата му била уредно доставена на Живановиќ“.
Во декември 2021 година, Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против Живановиќ за учество во широк и систематски напад врз бошњачките цивили во заштитените зони Сребреница и Жепа.
Во обвинението се наведува дека Живановиќ, како командант на Дринскиот корпус на ВРС, „почнувајќи од март 1995 година до средината на јули истата година, во неколку наврати ја блокирал заштитената зона на Сребреница, спречувал снабдување и наредил артилериски напади врз цивилното население и цели на подрачјето на Сребреница со цел да се создадат неподносливи услови за живот и да се принуди цивилното население да ги напушти своите домови и имоти“.
Тој е обвинет и за мобилизирање возила со цел насилно протерување на цивилното население од областа на Сребреница, како и за транспорт на заробени мажи и момчиња кои биле насилно одвоени за фаќање и убивање.
Против Живановиќ се води постапка и во Србија за воени злосторства извршени во Сребреница.