Вицепремиерката Грковска ги охрабрува истрагите на ОЛАФ за трошењето на европските пари во земјава

ОЛАФ - Европска служба за борба против измами

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Собранието на седницата посветена на пратенички прашања, рече дека на средбата во Брисел со претставниците на Европската служба против измами - ОЛАФ било укажано дека тие се задоволни од соработката со институциите во земјава, а таа нагласила дека ги охрабрува нивните истраги.

„Од страна на претставниците на ОЛАФ, тогаш ни беше соопштено дека се задоволни од соработката со нашите институции, а од моја страна беше кажано дека ги охрабрувам да продолжат со истрагите, токму заради тоа што секој од нас без разлика на која и да е функција има обврска да биде одговорен за начинот на којшто се трошат парите на граѓаните, без разлика дали станува збор за парите од Буџетот или станува збор за донаторска помош или помош од страната на меѓународните, нашите меѓународни партнери, нагласи Грковска.

Видете и ова: Северна Македонија под лупа на истражителите на ОЛАФ за злоупотреба на европски пари

Таа истакна дека она што било укажано и од ОЛАФ е дека истрагите коишто се водат ќе имаат завршница и ќе биде јасен исходот. Додаде дека истрагите не се од таков вид за да можат да се одразат на ИПАРД помошта, која што веќе и е доделена на државава.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, денеска во врска со истрагите на ОЛАФ истакна дека сите кои злоупотребиле народни или европски пари, треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Ние за тоа зборуваме шест години, дека оваа Влада на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ, силно е вплеткана во криминал и корупција. Добро е што на нашите партнери од Европа им станува се појасно и добро е и тие што ќе се занимаат со оваа истрага. А идната влада на ВМРО - ДПМНЕ и органите кои таа ќе ги има под свое управување, ќе истражуваат заедно со оваа агенција“, нагласи Мицкоски.

Видете и ова: Поднесено обвинение против Лидија Димова и уште две лица за злоупотреба на европски пари

Евроамбасадорот Дејвид Гир, вчера изјави дека доколку истрагите на Европската служба против измами резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство за кое очекува да преземе навремени активности кои ќе ги следат одблизу.

Амбасадорот Гир потврди дека ОЛАФ подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.

Инфографика - Истраги за злоупотреби на европските фондови во земјите од Западен Балкан (Податоци објавени во јули 2023)

Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички во последните пет години отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови. Половината од нив, односно 18, како што пренесоа албанските медиуми, се однесуваат на злоупотреба на европските фондови во Северна Македонија.