Месец и половина по одржувањето на изборите, денеска беше конституиран новиот состав на црногорскиот парламент. Мандатите на пратениците беа верификувани, но не беше избран новиот претседател на Собранието.
„До службата не е доставен ниту еден предлог на кандидат за претседател на Собранието“, изјави Милан Лекиќ, кој како најстар пратеник ја водеше седницата.
После тоа Лекиќ ја прекина седницата, без да најави кога ќе продолжи.
Инаку, името на кандидатот за претседател на Собранието ќе биде резултат на преговорите што минатата недела официјално ги започна движењето Европа сега, кое обезбеди најмногу, речиси 30 отсто од пратеничките мандати на парламентарните избори.
Изборите се одржаа на 11 јуни, речиси десет месеци откако Собранието и изгласа недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ и неколку обиди за формирање нова влада.
По движењето Европа сега, кое освои 24 мани, листата предводена од Демократската партија на социјалистите освои 21, просрпската коалиција на неодамна распуштениот Демократски фронт освои 13, а Демократите и УРА во заеднички настап добија два помалку мандати.
Видете и ова: Избори во Црна Гора: ПЕС и ДПС со најмногу гласови, но за влада ќе треба коалицијаДругите партии, главно на националните малцинства, освоија едноцифрен број мандати.
По конститутивната седница, претседателот на државата Јаков Милатовиќ изјави дека во понеделник во Цетиње ќе започне разговори со претставниците на листоте кои имаат претставници во парламентот за да се одлучи кому ќе му биде доделен мандатот за состав на владата.
„Има доволно време да се постигне договор. Верувам дека во моментот кога ќе го дадам мандатот ќе се види како ќе изгледа идната влада. Се надевам дека ќе биде стабилна и реформска и дека ќе одговори на сите предизвици, кои се големи“, изјави Милатовиќ.
Мандарот има рок од 90 дена да го состави кабинетот и програмата за работа на идната Влада. Доколку не ја добие поддршката од мнозинството парламентарци, ќе бидат распишани нови предвремени избори.