На аукција продаден станот на опозициската лидерка Циханускаја

Свјетлана Циханускаја

Властите во Минск продадоа двособен стан на опозициската лидерка Свјетлана Циханускаја и нејзиниот сопруг, затворениот блогер и поранешен потенцијален претседателски кандидат Сергеј Цихануски.

Стан од 66 квадратни метри во главниот град на Белорусија беше продаден на 26 јули на неодреден добитник на аукција за 203.687 рубли (околу 80.740 долари). Станот, кој државата официјално го заплени во септември, беше продаден откако претходно беа откажани две лицитации.

Цихануски беше осуден на 18 години затвор во 2021 година заедно со неколку други мажи, новинарот на РСЕ Ихар Лосик, поранешниот претседателски кандидат Микалај Статкевич и опозициските активисти Владимир Циханович, Арцом Сакау и Џмитри Папу, кои исто така беа осудени на затворски казни.

Обвиненијата против нив вклучуваат поттикнување масовни немири, поттикнување социјална омраза, попречување на работата на Централната изборна комисија и организирање активности кои го нарушуваат општествениот ред. Обвинетите и нивните поддржувачи ги отфрлија обвиненијата како политички мотивирани.

Судот во февруари го осуди Цихануски на дополнителни 18 месеци затвор откако го прогласи за виновен за „очигледно кршење на внатрешните прописи на затворот“.

Видете и ова: Циханускаја побара од САД да ја гарантираат неависноста на Белорусија

Популарниот видео блогер, Цихануски ја објави својата претседателска кандидатура за 2020 година, предизвикувајќи го белорускиот моќник Александар Лукашенко, кој се кандидираше за реизбор. Цихануски беше дисквалификуван и уапсен пред гласањето.

По апсењето на Цихануски, неговата сопруга најави претседателска кандидатура, мобилизирајќи ја опозицијата. Опозицијата и западните земји не ја признаа убедливата победа на Лукашенко и велат дека тој ги наместил резултатите во своја полза. Тие веруваат дека вистинскиот победник на изборите е Циханускаја.

Бран протести следеше по тврдењето на Лукашенко за победа, а десетици илјади луѓе беа приведени, додека неколку беа убиени. Мета се и независните медиуми, организациите за човекови права и опозициските групи.

Цихановскаја живее во Литванија откако ја напушти Белорусија, поради загриженост за нејзината безбедност и за безбедноста на двете деца.