Руското државно обвинителство на 25 јули ја прогласи за непожелна независната ТВ станица „Дожд“ и ѝ изрече забрана за работа. Со тоа ја продолжи широката репресија врз медиумите и организациите кои се сметаат за закана за безбедноста на Русија.
Канцеларијата на главниот обвинител соопшти дека „Дожд“ шири екстремистички материјал и ги дискредитира властите“.
Со оваа одлука новинарите, персоналот и донаторите на „Дожд“ се изложени на потенцијални кривични пријави.
По одлуката на обвинителот, уредничкиот тим на ТВ „Дожд“ го исклучи системот за донации за својата публика во Русија и ја откажа он-лајн претплатата од руска територија на своите веб-страници и програми на Интернет за да избегне какви било последици за својата публика.
Видете и ова: Летонија и ја укина дозволата на независната руска телевизија Дожд
Телевизијата „Дожд“, критичар на политиката на Кремљ, го затвори своето студио во Русија набргу по почетокот на војната во Украина, преселувајќи се прво во Латвија, а потоа во Холандија.
Овој ТВ канал често пати ги провоцира властите со известувања за руската опозиција и критиките кон Кремљ.
Телевизијата е отстранета од руските кабловски ТВ системи уште од 2014 година, откако беше спроведена контроверзна анкета за тоа дали гледачите веруваат дека во Втората светска војна Советскиот Сојуз требало да се предаде на германската опсада на Ленинград за да спаси цивилни животи.
Од тој случај „Дожд“ ја емитува програмата преку Јутјуб.
Во последниве години, руската Влада презеде остри мерки против поединци и организации кои го критикуваат Кремљ, означувајќи многумина како „странски агенти“ и прогласувајќи некои од нив за „непожелни“, согласно законот од 2015 година со кој се криминализира членството во „непожелни организации“.