Судењето на Трамп закажано за мај следната година

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп

Судењето на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп во случајот за незаконско задржување на стотици доверливи документи е закажано за мај следната година, одлучи Федералниот суд во Флорида.

Судијката Ејлин Канон денеска одреди судењето да биде на 20 мај 2024 година. Датумот е компромис меѓу барањето на обвинителите да го одложат судењето за овој декември и обидот на адвокатите на одбраната да го одложат на неодредено време до претседателските избори во 2024 година.

Судењето ќе се одржи на крајот од сезоната на прелиминарни номинации на републиканците, бидејќи партијата избира противкандидат за демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.

Министерството за правда истражуваше дали Трамп лошо постапил со доверливите документи, откако ја напушти Белата куќа во 2021 година. Откако го пребарале неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, пред речиси една година, истражителите заплениле околу 13.000 документи, а 100 од нив содржеле доверливи информации што морало да бидат заштитени.

Видете и ова:

Трамп е известен за истрагата околу обидите за поништување на изборните резултати од 2020 година


Трамп претходно се бранеше со тврдење дека тие документи повеќе не се доверливи бидејќи тој како претседател ги декласифицирал, но за тоа не понуди никаков доказ.

Трамп беше претседател на САД од 2017 до 2021 година, а е фаворит за републиканската претседателска номинација. Тој тврди дека е жртва на политички мотивиран лов на вештерки и го обвинува Министерството за правда за пристрасност.