Уште три земји и помагаат на Грција за справување со пожарите

Пожарникар гаси пожар во близина на селото Кандили, во близина на Атина, Грција, 19 јули 2023 година

Кипар и Хрватска испратија авиони, а Бугарија копнени сили за да и помогнат на Грција да се справи со пожарите. Помошта е преку европскиот механизам за цивилна заштита и rescEU и по побараната помош од грчка страна за справување со шумските пожари.

Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, соопшти дека земјата вчера упатила дополнително барање за воздушна помош, па така Кипар испратил два авиони Ер трактор, а Хрватска еден Канадер ЦЛ-415, додека пак Бугарија помага со пешадиски тим од 50 пожарникари и десет возила.

По првото грчко барање во земјата веќе се четири Канадери, по два од Италија и Франција, испратени исто така преку механизмот на ЕУ, додека пак по барањето за пешадиски тима и возила, Словачка испрати 31 пожарникар со 15 противпожарни возила, Романија 40 пожарникари и пет возила , а дополнително ќе испрати уште 50 пожарникари со десет возила, а помош пристигна и од Малта.

Видете и ова:

Евакуација во близина на Атина и Родос поради пожарите

Во текот на денешниот ден се очекува во Атина да бидат и 149 пожарникари и 49 возила од Полска.

Помош со воздушни средства Грција доби и на билатерално ниво од Израел и Јордан.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку официјалниот Твитер профил се заблагодари за помошта до Грција.

Паралелно ѝ се заблагодари на секоја држава посебно за испратената помош.

Во Грција досега, помош испратија 11 земји, од кои девет се од Европската унија.