Кинескиот претседател Kси Џинпинг на 20 јули го прими поранешниот американски државен секрета Хенри Кисинџер во Пекинг, во услови на зголемени геополитички тензии.
Кисинџер, за време на посетата на Кина неделава, повика на приближување на Вашингтон и на Пекинг, кои и понатаму спорат за низа прашања, од човекови права до трговија и национална безбедност.
„Кинескиот народ го цени пријателството и некогаш нема да го заборавиме нашиот стар пријател и вашиот придонес за унапредување на развојот на кинеско - американските односи и јакнењето на пријателството меѓу кинескиот и американскиот народ, му рече Кси на Кисинџер, кој има 100 години, јавуваат државните медиуми.
„Тоа не само што им користеше на двете земји, туку го промени и светот“, додаде кинескиот претседател.
Кисинџер му се заблагодари на Кси што го угости во државната вила, каде во 1971 имаше средба со тогашниот премиер Џоу Енлаи.
„Односите меѓу нашите две земји ќе бидат клучни за мирот во светот и напредокот на нашите општества“, рече поранешниот дипломат.
За време на престојот во Пекинг, Кисинџер се сретна и со министерот за одбрана Ли Шангфу и со високиот кинески дипломат Ванг Ји. Односите меѓу двете земји се на ниска точка поради различни прашања. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја гледа Кина како најголем геополитички предизвик и зазема цврст став против Пекинг. Кина, пак, ги обвинува Соединетите Држави дека се стремат кон хегемонија. Неколку високи членови на американската влада отпатуваа во Пекинг во последните недели, во потег што набљудувачите го гледаат како мало смирување на тензиите.