Казна за ѓубрето и за Муцунски и Општина Аеродром

Преполнети контејнери со ѓубре поради протест на вработените во „Комунална хигиена - Скопје“ - 10 јули 2023

Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски добија казна од 88 илјади евра. Инспекторатот за животна средина ги казнува за исфрлање на отпад на јавна површина, со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните, соопшти прес-службата на Град Скопје.

Од Град Скопје соопштија дека Општина Аеродром преку компанијата „Пирамид Билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП „Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на Фудбалската федерација на Македонија, која се наоѓа на територијата на општината, со што направиле нова дива депонија.

Видете и ова: Политичките препукувања ги наполнија скопските улици со ѓубре

Општината и градоначалникот имаат рок од осум дена да ја платат казната.
Претходно казна од 90 илјади евра доби и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

Двајцата градоначалници на скопски општини, кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на 10 јули се обидоа да го депонираат собраното ѓубре во депонијата Дрисла. Сметот го оставија пред портите на „Дрисла“, тврдејќи дека како општини имаат уредни договори за да влезат во депонијата.

Видете и ова: Ѓорѓиевски - Град Скопје нѐ блокира на секое поле

Но, од јавното претпријатие тврдат дека немаат потпишано нови договори со двете општини, а дека старите им се истечени во март 2023 година.
Тие се самоорганизираа да собираат ѓубре по протестот на Јавното претпријатие Комунална хигиена, кое е под капата на Град Скопје. Неколку денови на високи температури главниот град Скопје се гушеше во ѓубре.