Уставните амандмани доставени до Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Владата вчера попладне го доставила Предлогот за уставни измени до Собранието веднаш по завршувањето на 171. седница на која премиерот и министрите го усвоија Предлогот.

„На 171-та седница на Владата, одржана на 18.7.2023 година, точка 48, разгледана е Информација со Предлог за уставни измени, утврден е Предлогот и доставен е до Собранието веднаш по завршувањето на седницата“, информираат од Владата за МИА.

Триесет работни дена од денот на влегување во собраниска процедура на Предлогот треба да се гласа за утврдување на потребата за промена на Уставот.

На последниот брифинг со новинарите на 27 јуни претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 работни дена, затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија која со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Видете и ова: Владата ја усвои иницијативата за уставните измени, Собранието е на потег

По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.

Потоа следуваат уште две фази, меѓу кои и јавна расправа. Постапката за измени на Уставот треба да заврши до крајот на ноември.

Претседателот на Собранието на последниот брифинг со новинарите беше дециден дека пратениците се во постојано заседание, така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.