Израел изврши воздушни напади во близина на Дамаск

илустрација

Сириските власти денеска соопштија дека Израел изврши воздушни напади во близина на сирискиот главен град Дамаск, при што биле ранети двајца сириски војници.

Државната агенција САНА објави дека сириската противвоздушна одбрана пресретнала израелски проектили од Голанската висорамнина и „соборила повеќето од нив“.

Агенцијата, повикувајќи се на воени извори, наведува дека во ракетниот напад се ранети двајца сириски војници и дека има „значителни материјални загуби“.

Сирискиот Центар за мониторинг на човекови права со седиште во Лондон, тврди дека само годинава ова е 20-тиот израелски напад врз цели во Сирија.

Видете и ова:

Растат тензиите околу храмот во Ерусалим по ракетните напади од Сирија

Според Центарот, цел биле воените позиции во близина на аеродромот во градот Димас, како и автопатот Бејрут-Дамаск, западно од главниот град, каде се стационирани елитните припадници на сириската армија.

Центарот, што има широка мрежа на извори во земјата разурната од војна, тврди дека проектилите ги погодиле магацините на либанската група Хезболах, сојузник на сириската влада, предизвикувајќи пожар.

Израел во последните години изведе стотици воздушни напади врз делови на Сирија, што се под контрола на владата, но ретко ја признава одговорноста за нив.