Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, повика на нова рунда дијалог меѓу Косово и Србија на ниво на главните преговарачи.
Според соопштението од седиштето на Унијата, фокус на разговорите ќе биде имплементацијата на договорот за патот кон нормализација на односите што Приштина и Белград го постигнаа во Брисел на 27 февруари, како и чекорите кон деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Според најавата, домаќинот на средбата Мирослав Лајчак најпрвин ќе се сретне со главниот преговарач од Србија Петар Петковиќ, а потоа и со косовскиот шеф на преговарачкиот тим Бесник Бислими.
Планирано е по одвоените средби да има заедничка средба, таканаречена трилатерална, на која учествуваат ЕУ, Србија и Косово.
Ова ќе биде прва средба по тензиите на северот на Косово и во светло на договорот што Косово го постигна со Унијата на 10 јули, за чекори кои би доведоа до деескалација.
Односите меѓу Косово и Србија дополнително се заострија на крајот на мај кога новоизбраните градоначалници со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
Видете и ова:
Средба на Лајчак со преговарачите на Србија и Косово во БриселПрипадниците на српската заедница, кои се мнозинство на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.
Тие секојдневно протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со барање градоначалниците да не доаѓаат на работа и да се повлече специјалната единица на косовската полиција од север.
На 3 јуни меѓународната заедница побара од официјална Приштина да преземе мерки за деескалација, што вклучуваше повлекување на полицијата од општинските згради, трансфер на градоначалникот во алтернативни објекти и распишување вонредни локални избори со учество на Срби.