Дел од членовите на Алтернатива бараат промени во партијата

Претставници на тетовскиот огранок на партијата Алтернатива

Претставници на Алтернатива од сите ограноци и членови на Централен одбор одржаа прес-конференција во Тетово за да изразат незадоволство и забелешки, за како што рекоа, неуспехот на раководството во исполнувањето на партиските задачи од последниот одржан конгрес. Според оваа групација, во партијата година и пол има турбуленции, но тоа не влијае врз раководството.

„ Наметнувањето на именувања во структурите, водење на политики според дневното расположение, политичкиот гнев кон сите што мислат поинаку, за жал не го прават генералниот секретар достоен за функцијата што ја врши“, изјави во име на присутните Дритан Беџети, кој е претседател на тетовскиот огранок.

Тој рече дека не е време за соработка со други партии туку има потреба Алтернатива да биде посилна партија. Според него, оваа загриженост ја дели целата структура, па затоа ги повикува сегашните и претходните пратеници да ги поддржат. Додаде дека тоа важи и за другите структури кои заминале од многу причини од партијата.

Видете и ова:

Алтернатива предлага формирање на Заедница на албански општини во Македонија

„Откако ја презеде функцијата како генерален секретар заедно со потпретседателите на партијата, како извршна власт не беа успешни во сите предизборни ветувања, го прекршија секој принцип што го промовираа и со тоа револтирајќи ги членовите, причини кои покажуваат неуспешноста на субјектот, тоа го потврдуваат и најновите анкети. Жртвувањето на целиот субјект за спас на политичката кариера на потпретседателот Беким Сали поради очигледни неуспеси и координација со експоненти надвор од нашата партија, исто така само ја зголемува нашата огорченост кон двајцата. Затоа, крајно време е претседателот да постапи и да го разреши горенаведеното, бидејќи во спротивно субјектот оди кон уништување,“ истакна Беџети.

Претседателот на тетовскиот огранок посочи дека списокот на потпишани членови ќе му го достави на претседателот за, како што рече, последен пат, со надеж дека ќе размисли и ќе преземе соодветни мерки.