Британската влада на 17 јули објави дека додала нови 14 лица на списокот на санкции за Русија, вклучително и руската министерка за култура Олга Љубимова и министерот за образование Сергеј Кравцов.
Љубимова беше санкционирана за поддршка на промовирање политики и дејствија кои ја „дестабилизираат Украина или го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет“, пишува Ројтерс.
Други, вклучително и Кравцов, се санкционирани поради нивната вмешаност во, како што вели Британија, „програмата за принудна депортација и превоспитување на украинските деца на руската влада“.
Видете и ова: Велика Британија со нови санкции против РусијаПретходно овој месец Русија објави дека донела на своја територија околу 700000 деца од конфликтните зони во Украина.
Москва вели дека нејзината програма за носење деца од Украина е дизајнирана „да ги заштити сирачињата и децата напуштени во зоната на конфликтот“.
Сепак, Киев вели дека многу деца биле незаконски депортирани, а САД велат дека илјадници деца биле насилно одземени од нивните домови.
Украинското Министерство за интеграција на окупираните територии објави дека 19 492 украински деца во моментов се сметаат за нелегално депортирани, пренесува Ројтерс.
На 17 март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, кој е обвинет за воени злосторства за „нелегална депортација“ на неколку илјади украински деца од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Во мај годинава Велика Британија воведе нов пакет санкции против Русија, насочени кон компании поврзани со кражба на украинско жито и лица вклучени во снабдувањето со руски енергетски производи.
Санкциите беа насочени кон големите руски компании за енергетика и транспорт на оружје, вклучително и оние поврзани со руската државна нуклеарна компанија Росатом и сопственикот на руската компанија за бакар, Игор Алтушкин.