Гир-Политиката да го остави судството независно да си ја врши работата

Macedonia - EU ambassador in North Macedonia, David Geer

Политиката да се тргне од правосудството, Владата и политичките партии да покажат волја дека се подготвени за тоа, но и судиите дека се подготвени независно да ја вршат својата работа. Ова денеска го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Вие може да ја имате најдобрата Оценска мисија во светот со одлични препораки, но зависи од политичката волја на Владата и на партиите, како и од волјата на судиите дали на судството ќе му биде дозволено да си ја врши работата,“ изјави Гир во интервју на новинската агенција МИА.

Тој додаде дека Делегацијата внимателно ги следи случувањата од изминативе месеци во Судскиот совет, и е многу загрижена за нив.

„Обврската на Судскиот совет е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судиите, но некои од настаните во Судскиот совет покажуваат дека Советот не може да го направи тоа. Па, како знак на нашата загриженост, затоа што овој орган е клучен кога станува збор за владеењето на правото, одлучивме да испратиме оценска мисија“,објасни Гир.

Видете и ова: Ковачевски ја поддржува оценувачката мисија на ЕУ за Судски совет

Евроамбасадорот објасни дека во земјава ќе пристигнат судии кои биле дел од судските совети на различни земји членки на ЕУ, со цел да ја увидат ситуацијата, да го разгледаат законодавството за да видат дали има одредени слабости кога станува збор за транспарентност, кривична одговорност, да се сретнат со сите засегнати страни со цел да видат како е спроведено, и потоа да дадат препораки кои би требало да го зајакнат Советот за да си ја врши својата обврска.

Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.