Вклучен црвен метео аларм во Италија

Во најмалку 15 градови низ Италија е издаден црвен метеоролошки аларм поради екстремните високи температури кои се шират низ јужна Европа, јавуваат светските новински агенции.

Алармот, кој предупредува на ризици дури и за здрави луѓе, ќе важи во наредните денови за некои од главните туристички дестинации, меѓу кои Рим, Фиренца и Болоња.

Италијанската влада ги советуваше граѓаните во црвените зони да избегнуваат изложување на сонце денеска во периодот од 11 до 18 часот и посебно да се грижат за старите лица или лицата со лоша здравствена состојба.

Видете и ова: ОН- Климатските промени носат „застрашувачка иднина“


Во Грција претходните денови беа забележани температури од 40 степени, а Акропол, една од најпопуларните туристички атракции, во петокот беше затворен поради големите горештини.

Исто така, постои загриженост дека може да се појават шумски пожари, особено во области со силен ветер. Високите температури ги зафатија и централните делови на Европа, а најпогодени се Германија и Полска.

Чешката метеоролошка служба издаде предупредување дека температурите може да се искачат над 38 степени за време на викендот.

Следната недела во Европа се очекуваат потенцијално рекордно високи температури бидејќи се приближува нов топлотен бран.

Највисоката температура досега забележана во Европа беше 48,8 степени, измерена на Сицилија во август 2021 година, а синоптичарите велат дека слични температури може да достигнат и во наредните денови.