Во Скопје на 11 јули се одржа „Марш за Сребреница“ во знак на почит и сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Годинава се одбележуваат 28 години од геноцидот.
„На ниеден народ, на ниедна вера и на ниедна нација да не и се случи Сребреница. Денеска се сеќаваме на страшното злосторство, геноцид кој е сторен во нашата матична држава Босна и Херцеговина каде се убиени преку осум илјади Бошњаци. Убиени се многу повеќе Бошњаци во тие денови, но масакрот кој е направен во Сребреница и кој според меѓународниот суд е окарактеризиран како геноцид е нешто најголемо и нешто најстрашно и затоа овој ден е ден во кој се сеќаваме на страшното злосторство“, рече Џеват Хот, претседател на бошњачкиот Национален совет и организатор на маршот.
Во пресрет на маршот е одржана ликовна средба на ликовни уметници кои изминатите пет дена изработиле уметнички дела на тема Сребреница, и тие беа изложени на плоштадот „Македонија".
„Со нивните слики уметниците сакаа да го покажат страшното злосторство што се случило. Имавме уметници од цела поранешна Југославија и сите тие се здружија со цел на луѓето од целиот свет да им испратат порака дека ова што се има случено во Сребреница да не се повтори веќе никаде и никогаш. Сведоци сме дека сега нешто слично има во Украина што не треба да се случи“, порача Хот.
Маршот започна во 18:30 часот во скопската општина Чаир, па преку булевар „Џон Кенеди“, Стара скопска чаршија, плоштад „Филип Втори“, и заврши на плоштад „Македонија“ во центарот на Скопје, каде што се одржа комеморативна програма за сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.
Во Сребреница во 1995 година, за време на војната во Босна и Херцеговина убиени се над 8000 босански муслимани, мажи и момчиња.
Во 2007 година, Меѓународниот суд во Хаг пресуди дека е извршен геноцид во Сребреница, за што повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор