НАТО ја истакна важноста на Западен Балкан

Лидерите на НАТО на Самитот во Вилнус, 11 јули 2023

Лидерите на земјите членки на НАТО им порачаа на земјите од Западен Балкан дека регионот е од стратешко значење за Алијансата. Тие ја потврдија нивната посветеност на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан.

На овој начин тие ги поддржаа реформите кои ги зајакнуваат аспирациите на земјите од регионот кон НАТО и Европската унија, се вели во завршниот документ објавен на 11 јули, на крајот од првиот ден од Самитот што се одржува во главниот град на Литванија, Вилнус.

„Ќе продолжиме да го подобруваме нашиот политички дијалог и практична соработка со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на злонамерните влијанија, вклучително и дезинформации, хибридни и сајбер закани, претставени од државни и недржавни актери“, порачаа лидерите на најголемата воена организација.

За да се соочи со овие предизвици Западен Балкан бара постојано внимание и посветеност од НАТО и меѓународната заедница, оценија лидерите на државите од Алијансата.

„Демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции и очекуваме континуиран напредок на овој план“, стои во завршната декларација.

Лидерите на НАТО ја повикаа Србија да се ангажира конструктивно со НАТО и со своите соседи, вклучително и јавни комуникации за взаемните придобивки од соработката меѓу НАТО и Србија.

Се оценува дека зајакнувањето на односите НАТО-Србија ќе биде од корист и за Алијансата и за Србија и за целиот регион.

Се поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и се повикуваат двете страни да го искористат моментот и со добра волја да се ангажираат за постигнување трајно политичко решение.

Видете и ова: Германски експерт за самитот на НАТО во Вилнус: Косово е поблиску до отворен конфликт отколку БиХ


„Ги повикуваме двете страни веднаш да ја деескалираат ситуацијата, да се вратат на дијалогот и конструктивно да се вклучат во спроведувањето на договорот за нормализација меѓу Белград и Приштина, што неодамна беше постигнат во Брисел и Охрид“, порачаа лидерите од самитот.

Тие, исто така, го осудија насилството на северот на Косово, како и „неиспровоцираните напади врз војниците на НАТО кои претрпеа сериозни повреди“.

Посебен дел е посветен на Босна и Херцеговина, каде што лидерите ја потврдуваат својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на стабилна и безбедна Босна и Херцеговина и ги повикуваат политичките лидери да се воздржат од поделби и сецесионистичка реторика и акции.