Владата повторно го утврди текстот на Предлогот на закон за данокот на солидарност, соопшти владината прес-служба по седницата одржана на 11 јули.
Владата на почетокот на годината предложи ваков закон, предлогот стигна и до Собрание, но потоа беше повлечен.
Со предлог законот се предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.
Министерството за финансии образложува дека законот се носи по урнекот на Регулативата на ЕУ 2022/1854 од 6 октомври 2022 година за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата заради ублажување на последиците од енергетската криза.
Преку плаќањето на овој вид така наречен данок на екстра профит, компаниите кои во услови на криза оствариле вишок профит, пропорционално ќе придонесат за ублажување на последиците од кризата.
Видете и ова: Законот за данок за екстра профит на собраниска седница
Ваков данок ќе плаќаат фирмите кои во 2022 оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари (10 милиони евра).
Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност, велат од Владата.