Агелер: Нашата „инвестиција“ во напредокот на судството за жал не даде очекуван „поврат“

Илустрација Амбасадор на САД, Ангела Агелер

„Разочарани сме кога станува збор за напредокот во судството. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција“.

Ова го изјави амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер во интервју за весникот Капитал.

„Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен - темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате“, вели Агелер во интервјуто.

Видете и ова: Ангелите на ДУИ не веруваат во домашни истраги

Во однос на тврдењата на опозицијата за корупција околу Коридорите 8 и 10 д, американската амбасадорка нагласува и повторува: „ако има наводи за корупција околу Коридорите 8 и 10, истражете ги! Ако утврдите криминал, гонете го!“. Според неа мора да има одговорност за секого, секаде.

„Во исто време, преголемата политизација на нештата понекогаш може да биде подеднакво штетна како и самата корупција со тоа што ќе спречи добри проекти да се движат напред и ќе испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека водењето бизнис во Северна Македонија е премногу комплицирано и бирократско, рече Агелер.

За амбасадорката проектот на Коридорите 8 и10, ја претставува најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на оваа земја, а придобивките за граѓаните се огромни: голем број добри работни места, договори со локални компании и снабдувачи, како и партнерство со една од најпочитуваните американски компании кои работат на Балканот и ширум светот.

Видете и ова: Новоизбраните координатори за автопатите на Бехтел и Енка ќе земаат плати од над илјада евра

„Кога ќе бидат завршени, патиштата ќе го намалат времето на патување низ земјата, ќе ја подобрат безбедноста и пристапноста кон другите партнери од НАТО, ќе ја зголемат трговијата и ќе ја направат оваа земја витален транспортен центар низ Балканот“, вели Агелер.

Во интервјуто таа уште зборува за потребата од енергетска ефикасност и безбедност, за што вели дека се критични прашања ширум светот, а руската брутална и нелегална инвазија на Украина уште повеќе ја истакна таа потреба. На краток рок, посочи таа, се надева дека земјата ќе вложи максимални напори да обезбеди природен гас што не доаѓа од Газпром и да го комплетира интерконекторот со Грција.