Германија е против испраќање касетна муниција во Украина

Илустрација, архивска фотографија од воена вежба

Германија се противи на испраќање касетна муниција во Украина, изјави нејзиниот министер за надворешни работи, Аналена Баербок. Оваа изјава доаѓа на еден ден откако американските официјални лица изјавија дека Вашингтон размислува да му го обезбеди на Киев таквото оружје.

Организациите за човекови права се противат на таквиот потег. Германската министерка Баербок рече дека Германија, како една од 111-те земји-членки на Конвенцијата за касетна муниција (КСМ), исто така се против употреба на касетна муниција.

Соединетите Американски Држави не се дел од оваа Конвенција. Баербок не ја искоментира одлуката на Вашингтон.

„Ги следев медиумските извештаи. За нас, како држава-страна, важи договорот од Осло“, изјави таа.

Станува збор за Договор потпишан во норвешката престолнина во 2008 година, според кој се забранува употреба, складирање, производство и пренос на касетна муниција.

Белата куќа соопшти дека испраќањето на касетна муниција во Украина е „активно разгледувано“. Американскиот претседател Џо Бајден треба да присуствува на самитот на НАТО следната недела во Литванија, на кој се очекува главна тема да биде војната во Украина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како е да си изложен на напад со касетни бомби?

Хјуман рајтс воч ги повика Русија и Украина да престанат да користат касетна муниција, а ги повика САД да не ги снабдуваат. Организацијата соопшти дека и руските и украинските сили го користеле оружјето, кое убило украински цивили.

Муницијата вообичаено испушта голем број помали бомби кои можат неселективно да убиваат на широк простор, заканувајќи им се на цивилите. Бомбите што не експлодираат претставуваат опасност со години по завршувањето на конфликтот.