Обединетото Кралство, Канада, Шведска и Украина во средата покренаа случај против Иран пред највисокиот суд на Обединетите нации поради соборувањето на украинскиот патнички авион во 2020 година и смртта на сите 176 патници и членови на екипажот.
Четирите земји бараат Меѓународниот суд на правдата да пресуди дека Иран незаконски го соборил авионот на Украина Интернешнл ерлајнс и да му нареди на Техеран да се извини и да плати отштета на семејствата на жртвите.
Летот PS752 патувал од Техеран за Киев на 8 јануари 2020 година кога бил соборен веднаш по полетувањето. Меѓу убиените има државјани и жители на Канада, Шведска, Украина и Обединетото Кралство, како и Авганистан и Иран. Нивната возраст се движи од една година до 74 години.
„Денешните правни дејствија ја одразуваат нашата непоколеблива посветеност за постигнување транспарентност, правда и одговорност за семејствата на жртвите“, се вели во заедничката изјава на земјите во средата. Тие рекоа дека го поднеле случајот откако Иран не одговорил на декемвриското барање за арбитража.
Видете и ова: Канадa ја обвинува иранската „непромисленост“ за соборувањето на украинскиот патнички авионПо тридневните негирања во јануари 2020 година, Иран рече дека неговата паравоена Револуционерна гарда по грешка го соборила украинскиот авион со две ракети земја-воздух. Иранските власти обвинија оператор за воздушна одбрана за кој рекоа дека го помешал Боинг 737-800 за американски крстаречки проектил.
Иранскиот суд оваа година осуди командант за противвоздушна одбрана, наводно одговорен за соборувањето на 13 години затвор, според официјалните вести на судството во земјата.
Но, земјите што го поднесоа случајот до светскиот суд во Хаг, обвинителството го нарекоа „лажно и проѕирно судење“.
Соборувањето се случи истиот ден кога Иран изврши балистички ракетен напад врз американските трупи во Ирак како одмазда за американскиот напад со беспилотно летало во кој загина врвен ирански генерал.