Русија тврди дека соборила пет беспилотни летала во областа на Москва

илустрација

Руската противвоздушна одбрана собори пет беспилотни летала во Московската област, соопшти руското Министерство за одбрана во вторник наутро, на 4 јули, наведувајќи дека нема жртви.

„Утринава спречивме обид на режимот во Киев да изврши терористички акт со пет беспилотни летала“, соопшти Министерството за одбрана.

Претходно, службите за итни случаи објавија дека биле соборени три беспилотни летала, од кои два летале кон Москва и биле „неутрализирани со систем за електронско војување“, пренесе агенцијата Франс прес повикувајќи се на ТАСС.

Руската агенција РИА Новости објави дека два авиони биле соборени во близина на селото Валуево во близина на Москва. Третиот дрон бил соборен во регионот Калуга, југозападно од Москва.

Видете и ова: По 12 дена затишје, Киев под удар на воздушни напади од Русија

Неколку летови беа пренасочени кон други аеродроми, а руската агенција за воздушен транспорт соопшти дека сообраќајот во Внуково е обновен во 5 часот по локално време.

Москва и нејзиниот регион, на повеќе од 500 километри од украинската граница, ретко биле цел на напади со беспилотни летала од почетокот на офанзивата во Украина во февруари 2022 година.

Сепак, овој тип на напади стана почест на други места во Русија.

Руските власти на 21 јуни објавија дека неутрализирале три беспилотни летала во регионот на Москва, вклучително и две во близина на воена база. Тогаш тие ги обвинија и украинските власти за нападот.