Лајчак во наредните денови во посета на Приштина и Белград

Специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак следните неколку дена ќе престојува во Приштина и Белград, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел.

Целта на посетата е обид да се смират тензиите на северот на Косово и продолжување на дијалогот. Претставниците на ЕУ тврдат дека тоа е посета „како дел од редовните активности на Лајчак“. Тој во Белград и Приштина треба да се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

Видете и ова:

Курти: Мерките на ЕУ за Косово се неправедни


ЕУ ги повтори повиците до двете страни да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата на север, што треба да се постигне со паралелно повлекување на припадниците на специјалните единици на косовската полиција од околината на општинските згради на север, повлекување на Србите кои протестираат. Потоа и повлекување на градоначалникот од општинските згради и извршување на работните задачи од алтернативните објекти, со распишување предвремени избори како и со јавно обврзување на Српската листа, водечката партија на косовските Срби, да учествува на тие избори.

Европската унија веќе почна да спроведува мерки против Косово поради непочитување на европските барања. Брисел предупредува дека е подготвен да примени мерки против Белград доколку Србија не се однесува согласно очекувањата.