Лукашенко: Убеден сум дека нуклеарното оружје нема да го употребиме

Белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека е сигурен дека руското тактичко нуклеарно оружје распоредено во неговата земја никогаш нема да биде употребено.

Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин признаа дека дел од тактичкото оружје пристигнало во Белорусија, а остатокот ќе биде инсталиран до крајот на годината.

Белорускиот претседател во обраќањето по повод националниот ден на поранешната советска држава рече дека распоредувањето на оружје во Белорусија е неговата најсилна иницијатива.

„Како што одиме напред, се повеќе сме убедени дека тоа (оружје) мора да биде стационирано овде, во Белорусија, на сигурно место“, рече Лукашенко, а пренесе државната новинска агенција БелТА.

„Сигурен сум дека никогаш нема да мораме да ги користиме додека се тука. И ниту еден непријател нема да стапне на нашата земја“, ги пренесе зборовите на белорускиот претседател Ројтерс.

Видете и ова:

Путин-Првите нуклеарни боеви глави веќе се во Белорусија

Лукашенко, како и Русија, постојано ги обвинуваше западните земји дека се обидуваат да ја уништат неговата земја и вели дека нуклеарното распоредување е неопходно за да се одвратат потенцијалните агресори.

Претходно овој месец тој рече дека дел од оружјето е во Белорусија и во еден момент посочи дека нема да се двоуми да го употреби доколку е потребно, додавајќи дека ќе бидат неопходни консултации со Русија.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во петокот рече дека распоредувањето не го прекршува Договорот за нуклеарно неширење од 1968 година, бидејќи Русија ја задржа контролата врз оружјето. Тој за руската новинска агенција Тасс изјави дека Русија била принудена на овој потег.

Лукашенко му дозволи на Путин да започне дел од инвазијата на Украина во февруари 2022 година од Белорусија и ја поддржа војната, склучувајќи договор минатата недела да му дозволи на шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин и неговите борци да ги префрлат операциите во неговата земја.

На власт од 1994 година, тој се потпира и на поддршката на Путин откако ги искористи безбедносните сили за задушување на демонстрациите по последните избори во 2020 година.

Москва ја задржува контролата врз оружјето и сите одлуки за неговото користење.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека ракетите Искандер-М, кои можат да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави, се предадени на белоруските вооружени сили, а некои авиони Су-25 се претворени за можна употреба на нуклеарно оружје. Русија не откри колку тактичко нуклеарно оружје поседува, пишува Ројтерс.