Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се обрати преку видео врска на самитот на Европската унија на 29 јуни, во време кога Киев тврди дека има придобивки во „жестоките“ борби на истокот на земјата.
Земјите на ЕУ, кои обезбедуваат милијарди помош за Украина, се очекува да ја повторат својата континуирана поддршка за Киев.
„Важно е да се консултираме и да кажеме дека сме подготвени да издржиме на долг рок, со финансиската и хуманитарната поддршка што се неопходни за Украина, но и кога станува збор за оружјето“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за новинарите на 29 јуни.
Доминантна тема на дводневниот состанок е војната во Украина, при што лидерите разговараат и за тоа како бунтот на платеничката група Вагнер од 24 јуни може да влијае на Русија.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, предупреди дека бунтот го ослабна рускиот претседател Владимир Путин, но тоа не значи дека Западот може да се опушти.
„Ослабнатиот Путин е поголема опасност“, рече Борел пред самитот, додавајќи:
„Сега треба да гледаме на Русија како на ризик поради внатрешната нестабилност“.
Во Киев, украинските власти тврдат дека полека продолжиле со напредокот во борбите околу Бахмут, во источниот регион Донецк.
„Нашите војници го гризаат секој метар од земјата на непријателот во оваа жестока битка“, рече заменик-министерката за одбрана Гана Маљар во изјавата на 29 јуни.
Руските сили „се обидуваат да ги задржат своите позиции, спроведуваат контранапади“, но „постепено се повлекуваат откако претрпеа загуби“, рече таа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Животот во поплавените села во јужна Украина
Одделно, командантот на копнените сили на Украина, Олександар Сирскиј, потврди дека украинските трупи полека напредуваат.
„Имаме напредок во близина на Бахмут и продолжуваме. Се движиме“, рече Сирскиј на својот канал Телеграм.
Бахмут беше заробен од руските сили во мај, по крвавите и долготрајни битки кои го претворија градот во урнатини.