Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на Северна Македонија. Сега од централно значење е планираната промена на Уставот, за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес - конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија.
„Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги прави на патот со реформи кон ЕУ. Сега од централно значење е планираната промена на Уставот. Од нејзиниот успех зависат многу нешта, знам дека тоа не е едноставен чекор, но е потребен за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ. Оттука сакам да ја охрабрам Северна Македонија да продолжи по патот на реформите со своите заложби. Реформите не се апстрактни барања. Уште сега имаат сосема конкретни позитивни влијанија за граѓаните,“ рече Шолц.
Видете и ова: Германскиот Бундестаг со поддршка за македонскиот јазик и култураТој се осврна и на Берлинскиот процес во кој шесте земји од Западен Балкан блиску соработуваат на заедничкиот пат во ЕУ, подвлекувајќи дека постои уште многу потенцијал во оваа иницијатива, најавувајќи го следниот самит на 18 октовмри, во Тирана.
„Драго ми е што самитот ќе се одржи на 18 октомври во Тирана, односно за прв пат во регионот. Токму поради актуелните напнатости помеѓу Косово и Србија го сметам овој самит на Западниот Балкан за посебно значаен. Тоа би била добредојдена прилика за Србија и Косово да се концентрираат целосно и ги нормализираат односите во спроведување на Охрдискиот договор при што Северна Македонија одигра одлучувачка улога како домаќин на самитот, рече Шолц.
Премиерот Димитар Ковачевски пак му се заблагодари на Шолц за усвоената резолуција од страна на Бундестагот со која, како што рече, Берлин ни дава дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество.
„Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца“, изјави Ковачевски.
Премиерот повтори дека ЕУ е нашата единствена цел и дека „подобар договор од овој пред нас нема, ниту ќе има“. Тој сепак потенцираше дека патот до ЕУ е трасиран и дека, иако нема да е лесен, мора да се изоди.