Нов пожар во складиште за муниција на бугарскиот трговец со оружје Гебрев

Снимка од дрон на складиштето на ЕМКО направена по претходниот пожар во 2022, Карнобат, Бугарија

Нов, силен пожар избувна во складиште за оружје на компанијата ЕМКО на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев. Скаладиштето се наоѓа во Карнобат, источна Бугарија.

Ова е втор инцидент на таа локација за неполна година.

Експлозии на муниција имаше и на 31 јули 2022. Сега гореше друг објект во магацинот, но пожарот повторно избувна во раните утрински часови во неделата, како што беше и минатото лето.

Лани, Гебрев рече дека е „100 отсто сигурен“ дека зад пожарот стојат руски оперативци, иако за бугарски сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) призна дека нема директни докази.

Останува нејасно дали дел во муницијата во складиштето во Карнобат била наменета да и помогне на одбраната на Украина од руската инвазија.

Видете и ова: Гебрев: Имало нарушување на безбедноста на складиштата за муниција во Бугарија

Истрагата за минатогодишниот инцидент се уште трае, но обвинителството не соопштува детали, иако бугарскиот сервис на РСЕ, постојано упатува прашања на оваа тема.

Според Гебрев, сегашниот пожар избувнал околу 00:40 часот во неделата и за среќа нема повредени лица од обезбедувањето на базата. Случајот го опиша како „неразбирлив, необјаснив“, бидејќи во опожарениот магацин немало производ што може сам да се запали.

Видете и ова: Бугарски експлозии, руски агенти и војната против Украина


„Не можам да кажам кои се причините“, додава Гебрев за РСЕ.

За пожарот во 2022, поранешниот министер за внатрешни работи Бојко Рашков минатото лето изјави дека „ова не е случајно“. Рашков мислеше на мноштвото факти кои се насобираат околу Гебрев, кој во 2015 беше труен со супстанца од групата Новичок.