Агелер - Партнерството со Северна Македонија е толку силно, што може да ја надмине секоја бура

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер на конференција за меѓусебните односи во ера на геополитички превирања

Релацијата меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Македонија е стабилна во геостратешка смисла и нема елементи кои може да го загрозат до степен, некоја следна влада и парламент во земјава да размислуваат за промена на стратешкиот курс на Северна Македонија, рече на 22 јуни претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски заедно со американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер учествуваа на конференцијата со наслов „Односите на Соединетите Американски Држави и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование.

Американската амбасадорка нагласи дека парнерството меѓу САД и Северна Македонија е толку силно, што може да ја надмине секоја бура.

„За САД, Северна Македонија постојано била бастион на стабилноста, тука на Балканот и како што велиме во САД не е до големината на кучето во борбата, туку е до големината на желбата за борба во кучето“, рече таа.

Видете и ова:

Блинкен- Ковачевски: Силна поддршка од САД за преговорите со ЕУ


Претседателот вели дека во последните неколку години се појавија други геополитички актери кои имаат влијание во регионот, како Русија и Кина, но оти не може да има големи поместувања затоа што македонското стратешко партнерство со САД има цврста основа.

„Незадоволство има, фрустрации има, поради нашите бавни евроатлантски интеграции, ...но, факт е дека нашите граѓани во огромен број сепак не гледаат друг геополитички актер кој би требало да ја замени улогата која САД ја имаат како модел на демократија на кој ние се угледуваме. Мојата проценка е дека така и ќе остане и во наредните години“, рече Пендаровски.

Американската амбасадорка рече дека САД се свесни и ги следат напорите на Русија и Кина да влијаат низ регионот и во земјава.

„Руското влијание често е преку посредници, а според она што го следиме кинеското е во голема мера економско, преку донации, кои често се кредити. Ние го следиме тоа, не носиме одлуки за оваа или за која било друга земја, ова е суверена земја, но, секако дека разговараме за информациите кои ги имаме и кои може да ги споделиме. Во основа, водството на оваа земја ги прави вистинските избори“, рече Агелер.

Таа им упати и порака на домашните политичари, велејќи дека и тие од власта и тие од опозицијата за суштински прашања треба да ги остават настрана политиките. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас, рече амбасадорката.

„Во сржта на тешките одлуки, кои треба да се донесат, во суштината на тоа зошто НАТО, ЕУ, вашиот однос со САД и зошто домашните реформи, се всушност вашите граѓани“, порача американската амбасадорка.

Таа истакна дека турбуленциите, кои се случиле во светски рамки изминатиот период, покажале дека изолацијата не може да биде патот напред и ги наведе придобивките кои Северна Македонија ќе ги има од приклучувањето кон ЕУ, потенцирајќи дека македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат зачувани.

Видете и ова:

Против Мерко се водат 6 постапки, струшките обвинители под лупа

Американската амбасадорка одговараше на прашања од присутните за тоа дали ставањето на црната листа за корупција, на која САД пред два дена го ставија струшкиот градоначалник Рамис Мерко ќе биде поттик за македонските институции.

„Ова е суверена земја и ние не можеме, и нема да се осудиме да ѝ кажуваме на владата што треба сега да прави“, рече Агелер.

Таа смета дека ставањето на ваква листа има ефекти, затоа што ги ограничува поединците, но со ваквите постапки често ги охрабрува и другите партнерски држави да постапат на сличен начин. Таа рече дека САД ја сфаќаат корупцијата сериозно, а ова испраќа порака до луѓето кои се борат против корупцијата ширум светот дека не се сами.